Сирискиот владетел Асад е под огромен притисок, а поради војната против Украина, Русија не може лесно да го зголеми нивото на поддршка за Дамаск.
Но, Москва нема да го изневери Асад: Сирија е премногу важна за Кремљ.
Русија долго време го претставува Алепо како симбол на сопствената сила.
Токму руската воена кампања му помогна на сирискиот лидер Башар ал Асад да го освои градот кон крајот на 2016 година по четири години борби.
Сега Алепо падна во рацете на бунтовниците за помалку од четири дена, а потоа и Хама. Тоа е удар и за Кремљ.
„Русија повеќе не е во состојба да го поддржува режимот на Асад како пред десет години“, вели Руслан Сулејманов, руски ориенталист од Универзитетот АДА во Баку, Азербејџан.
Иако Русија повторно извршува воздушни напади врз бунтовниците, тоа во моментов не е доволно да ги спречи, истакнува Сулејманов.
Главната разлика од 2016 година е тоа што од февруари 2022 година, Русија е многу попреокупирана со нападот врз Украина.
„Се разбира, руското присуство во Сирија после тоа почна да се намалува“, посочува Сулејманов.
Досега Русија најмногу беше вклучена во воздушни напади
Рускиот воен контингент во Сирија отсекогаш бил мал.
Кога Владимир Путин одлучи воено да го зајакне Башар ал Асад во граѓанската војна во 2015 година, Русија првенствено ги искористи своите воздушни сили.
Според проценките, меѓу 2.000 и 4.000 копнени сили биле испратени на терен – Русија никогаш не објави никакви официјални информации за ова.
Потоа беа испратени сличен број платеници, како оние од Вагнер групата.
Токму тие почесто беа вклучени во копнените борби во Сирија отколку обичните војници. Но, тие во меѓувреме беа префрлени и во Украина.
„Руската стратегија беше сириските, иранските и шиитските милиции да се борат и да им дадат поддршка на руските сили, а не обратно“, оценуваат американските аналитичари Мајкл Кофман и Метју Ројански во нивната студија за руската интервенција во Сирија.
Сега, сепак, Иран и неговите сојузнички милиции како Хезболах се ослабени во конфликтот со Израел. Исламистичките бунтовници на групата Хајат Тахрир ал Шам (ХТС) ја искористија можноста да напредуваат.
Некои сили најверојатно се повлечени од Сирија
Може ли Русија да ја пополни таа празнина во копнените сили?
„На Русија ќе ѝ биде многу тешко да ја зголеми помошта за Асад без да ги ослабне своите трупи во Украина“, вели за ДВ Павел Лузин, експерт за руските вооружени сили од американската тинк-тенк фондација Џејмстаун.
По нападот на Украина во 2022 година, Русија негираше дека сака да ги повлече војниците од Сирија.
Сепак, таа наводно префрлила некои борбени авиони во Русија, според извештаите.
Во руско пристаниште во близина на Крим беше пренесен и рускиот систем за воздушна одбрана С-300.
Руските војници во Сирија се прегрупирани и преместени од помали позиции во поголеми бази.
А распоредувањето на искусни платеници во битките во Украина ја ослабна позицијата на Русија.
Денес, има и други руски платеници во Сирија, „но тие не се специјализирани за борбени мисии, туку, на пример, за следење на некои капацитети за производство на нафта“, вели Руслан Сулејманов.
Москва не сака да се откаже од Сирија
Но, иако војната во Украина е јасен приоритет на Москва, Русија нема да се откаже од Сирија.
„Кремљ сигурно нема да го напушти Асад“, тврди Сулејманов.
За Русија има две важни локации. Поморската база во Тартус гарантира дека Русија има пристап до Средоземното Море, а воздухопловната база Хмејмим и овозможува на Москва да оперира низ целиот регион.
Сирија е важна и за Кремљ бидејќи сака да го задржи имиџот на суперсила.
По неуспешните западни интервенции во Ирак и Либија, Русија сакаше да се претстави како фактор на стабилност во регионот – и на тој начин Москва успешно се етаблира како еден од играчите на Блискиот Исток.
Подобро да се преговара отколку да се испраќаат нови војници
Првите реакции на Русија на офанзивата на бунтовниците покажуваат дека повеќе би сакала да не испраќа дополнителни воени ресурси во Сирија.
Сепак, Русија сè уште изведува воздушни напади сè почесто.
Според рускиот телеграмски канал „Рајбар“, во Сирија пристигнал и генералот Александар Чаико, кој претходно командувал со руските сили во таа земја.
Во исто време, Русија бара контакт со другите сили вклучени во конфликтот, особено со Турција, која најмногу ќе има корист од напредувањето на бунтовниците.
Владимир Путин телефонски разговараше со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, а претставниците на Русија, Иран и Турција треба да се сретнат следниот викенд.
„Претстојат многу тешки и многу стресни преговори за Кремљ, кој веќе троши толку многу нерви, енергија и ресурси за Украина“, вели Руслан Сулејманов.
Сега Кремљ ќе мора да искористи дел од тие ресурси за Сирија.