Украина е подготвена да преговара за неутрален статус со Русија, но бара безбедносни гаранции, изјави денеска советникот на началникот на кабинетот на претседателот на Украина, Михаил Подољак.
Претседателот на Украина, Владимир Зеленски, денеска оцени дека Москва ќе мора да разговара со Киев за запирање на инвазијата, наведувајќи дека колку побрзо почнат разговорите, толку ќе бидат помали загубите на Русија.
„Украина секогаш заминувала и остава простор за преговори, дури и сега, кога Русија започна масовна инвазија“, рекол Подољак, пренесува украинската агенција УНИАН.
Тој истакна дека војната и непријателствата мора да се прекинат.
Русија ќе мора да разговара со нас порано или подоцна
Претседателот на Украина, Владимир Зеленски, денеска оцени дека Москва ќе мора да разговара со Киев за запирање на инвазијата, наведувајќи дека колку побрзо почнат разговорите, толку ќе бидат помали загубите на Русија.
„Русија ќе мора да разговара со нас за запирање на инвазијата, колку побрзо започне разговорот, толку помали ќе бидат загубите на самата Руска Федерација“, рече Зеленски во своето обраќање до граѓаните, пренесува Интерфакс Украина.
Рускиот претседател Владимир Путин вчера наутро најави почеток на специјална воена операција во Украина. Кремљ објави дека во Украина не се води војна, туку специјална операција, чија цел е денацификација на земјата и демилитаризација, во интерес на безбедноста на Русија.
„Ние сами ја браниме нашата земја“
Украинскиот претседател Владимир Зеленски изјави утринава дека Русија продолжува со ракетните напади врз Украина, но дека нејзините војници се запрени да напредуваат во повеќето правци.
Во телевизиско обраќање Зеленски рече дека руските напади биле насочени и кон воени и кон цивилни цели, пренесува Ројтерс.
„Целта на овој напад е притисок. Притисок врз вас, драги граѓани. Притисок врз целото наше општество. Нагласувам: не само врз владата, туку и врз сите Украинци“, рече Зеленски, пренесе агенцијата УНИАН.
Тој додаде дека нападот го потсетил на нападот на Киев во 1941 година.
„Ние сами ја браниме нашата земја. Најмоќните сили во светот гледаат оддалеку. Дали вчерашните санкции ја убедија Русија? Слушаме на нашето небо и слушаме во нашата земја дека тоа не е доволно“, рече Зеленски.

