Укината забраната за работа на централната и двете чајни кујни од кумановската градинка „Ангел Шајче“

Сподели со своите пријатели

Државниот санитарен и здравствен инспекторат и Агенцијата за храна и ветеринарство ја укинаа забраната за работа на кујната во објектот „Пчелка” од кумановската градинка „Ангел Шајче” соопштија денеска надлежните од двете институции. Извршените контролни надзори во централната кујна и во двете чајни кујни во „Кокиче” и „Синоличка” покажуваат дека нема бактерии и брисевите ги задоволуваат хигиенските стандарди.

Loading...

– Со контролата утврдено е дека е постапено по неодамна наложените мерки од страна на инспекциските служби. Спроведено е вонредно механичко и хемиско чистење на кујната, извршена е комплетна дезинфекција и направени се вонредни здравствени прегледи за вработените лица во кујната. Задоволителни се и добиените резултатите од контролните брисеви од работните површини, информираа од Агенцијата за храна и ветеринарство.

Од ДСЗИ информираат дека извршен е контролен инспекциски надзор и константирано е дека градинката постапила по сите наложени противепидемиски мерки.

– Симната е забраната за користење на кујната и сите три клонови, можат да продолжат нормално да функционираат, соопштија од ДСЗИ.

Надлежните од градинката „Ангел Шајче“ велат дека по добиените резултати од Центарот за јавно здравје – Куманово за земените контролни брисеви од работните површини во сите три кујни, било констатирано дека нема изолати на патогени бактерии и сите брисеви ги задоволуваат хигиенските стандарди, отстранети се лентите за забрана.

– Целата количина од четири тубички е уништена на лице место, во присуство на инспекторот, велат од градинката.

Испитувањата на надлежните институции утврдија дека причината за труење со храна на деца од три објекти од кумановската градинка „Ангел Шајче” е бактерија салмонела која беше најдена во оригинално пакување мајонез кој се користел како додаток за подготовка на паштета од туна и пилешко месо. Над 60 деца заболеа, дел се лекуваа во кумановската болница. Министерството за труд и социјална политика најави дека ќе направи целосна ревизија на нормативите и стандардите за исхрана и оброци на децата во детските градинки, во насока на нивно унапредување и усогласување со потребите за правилен раст и развој на децата.

Leave a Reply