Водостоите на водотеците во Република Македонија се високи, особено на реките во источниот дел на земјатам односно на реките Брегалница, Струмица и Пчињ, иформираат од Секторот за хидрологија при УХМР.
Во текот на денот водостоите ќе се намалуваат, но ќе останат високи, особено онаму каде што акумулациите превентивно ќе ја испуштаат водата. На река Брегалница се очекува пораст поради превентивното испуштање вода од акумулацијата Калиманци.
Кон крајот на денот, поради врнежите што се очекуваат да започнат попладнево, повторно ќе дојде до пораст на водостоите, прво во јужните делови на земјата, а потоа и во останатите делови на државата. Можни се локални излевања, особено на истокот, на почеток во повисоките делови од сливовите, а потоа и низводно во пониските делови од сливовите.
Поради очекуваните врнежи во текот на ноќта и утрешниот ден, се очекува заситување на почвата со влага и активирање на сите суводолици, а на одредени места можна е појава на клизишта, особено во источниот дел од државата.
Поради сите можни опасности и ризици при појава на поројни дождови и големи води препорачуваме внимателност при движењето близу водотеците и суводолиците, се вели во соопштението од УХМР.