Утре во попладневните и ноќните часови, како и во сабота времето ќе биде нестабилно на повеќе места со пороен дожд, грмежи и засилен ветер, информираат од Управата за хидрометеоролошки работи.
Локално, како што појаснуваат од УХМР, процесите ќе бидат поинтензивни во форма на невреме, со пообилен пороен дожд за кратко време, силни електрични празнења, ветер (над 60 км/час) и услови за појава на град.
Во случај на појава на електрични празнења, од УХМР на граѓаните им се препорачува поголема внимателност, да не се престојува на отворен простор и под осамени дрвја.
Времето денеска во Македонија ќе биде сончево со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен, а вдолж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец.
Максималната температура ќе биде во интервал од 29 до 35 степени.
Никола Ивановски

