Според најновите податоци од хидролошките станици на Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), зголемен водостој и ризик од локални излевања на реките се евидентирани на повеќе подрачја низ Македонија.
Најкритична е состојбата во горниот дел од сливот на реката Вардар, особено во Полошката Котлина, каде се можни локални излевања и појави на заезерување на водата.
Висок водостој е регистриран и во сливот на реката Треска, со можност за локални излевања по течението на реката.
Во Охридско-Преспанскиот регион, зголемен е водостојот на реката Ресенска (Голема), при што постои опасност од заезерување на водата.
Локални излевања се можни и во сливовите на реките Сатеска и Коселска, како и во сливот на реката Црна, особено во Пелагониската Котлина и Битолско-Прилепскиот регион.
На истокот од земјата е забележано зголемување на водостојот во горниот дел од сливот на реката Брегалница, како и во сливовите на реките Крива и Пчиња.
Од УХМР информираат дека до крајот на денот се очекува водостојот на реките да остане висок, но поради заладувањето на времето и појавата на врнежи претежно од снег на планините, се очекува постепено стагнирање.
Истовремено, се најавува зголемување на водостојот на реката Вардар во средниот дел од течението, во Скопје и низводно кон Велес, како и во долниот дел од сливот на реката Црна.
Надлежните апелираат на внимателно и претпазливо движење покрај реките и суводолиците во текот на денешниот ден.
Никола Ивановски

