Според најавата од синоптичарите при УХМР, утре среда 05.07.2023 г. под влијание на влажна и нестабилна воздушна маса времето на повеќе места ќе биде променливо облачно и нестабилно со пороен дожд, грмежи и засилен ветер.
Локално процесите ќе бидат во форма на невреме со интензивен пороен дожд, силни електрични празнења, силен ветер и појава на град.
Во четврток ќе има изолирана појава на пороен дожд и грмежи.
Како што додаваат од УХРМ, доколку се остварат овие врнежи со голем интензитет за кратко време траење на одредени помали сливни површини, во среда на 5 ти јули, па и следниот ден четврток, можно е да дојде до поројни истекувања на помалите водотеци и суводолици и до несакани излевања на нивните води кои би можеле да предизвикаат локални проблеми како на крајбрежјето така и на патната инфраструктура која е во нивна близина, а на одредени места можна е и појава на свлечишта и одрони.
– Во одредени градски населби можна е појава на локални проблеми поради брзото истекување на водите по улиците, а атмосферските води од олуците приклучени на канализациите можат да предизвикаат комунални проблеми, стои во соопштението.
Достапните модели, велат од УХМР, најавуваат потреба од внимателност генерално на пределите, падините и рамнините околу планините Шар Планина, Јакупца, Караџица, Бистра, Баба, Ниџе, Кожуф, Стогово, Осоговието, Огражден и Малешевските Планини.
– Препорачуваме внимателно движење особено покрај реките и суводолиците поради можна појава на опасни води и свлечишта, велат од УХМР.