За повеќе од двојно или за околу 100 отсто е зголемен бројот на активни случаи во Куманово во првите девет дена од 2022 година, во споредба со последните девет дена од минатата.
Ако на 31ви декември бројот на активни случаи во Куманово (заедно со Липково) изнесувал 112, заклучно вчера активни се 239 ковид позитивни случаи.
Според дневните статистики на Министерството за здравство во првите девет дена годинава во Куманово биле регистрирани вкупно 206 случаи, додека во последните девет дена од 2021 година бројот изнесува 72, или скоро тројно зголемување.
Сепак опаѓање се бележи кај бројот на смртните случаи. Во последните девет дена од 2021 година имало седум починати пациенти, додека годинава починал само еден.
Досега во Куманово се регистрирани 13.350 ковид позитивни случаи.
Релативно мирна беше епидемиолошката состојба во Куманово првите два до три дена, а кон крајот на декември беше затворена и модуларната ковид болница поради намален број на хоспитализирани пациенти.
Според вчерашната статистика на Министерството за здравство досега во земјата се направени вкупно 1.659.878 тестирањана Ковид-19.
Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во Македонија од почетокот на епидемијата изнесува 233.464, бројот на оздравени пациенти е 214.854, на починати е 8.032, а бројот на активни случаи изнесува 10.578.
Инаку поради брзорастечкиот број на нови случаи утре се очекува да заседава Комисијата за заразни болести на чија седница ќе се најде предлогот за намалување на периодот на самоизолација од десет на седум дена, но и дополнително ќе се разгледува воведување на нови мерки кои би требале да помогнат во намалување на бројот на нови случаи.
Никола Ивановски