По трет пат денеска се одржува Генералка викенд во Куманово, информира градоначалникот Максим Димитриевски.
Акцијата е организирана од Man and Mountain во соработка со Општина Куманово и општинските училишта.
– Оваа година се чистaт локациите околу СОУ Гимназија „Гоце Делчев“ и СОУ „Перо Наков“, а продолжуваме и со расчистување на дивите депонии со механизација на повеќе локации од страна на ЈП Чистота и зеленило, вели градоначалникот.
Во акцијата се вклучени учениците од наведените училишта, екипи на ЈП „Чистота и зеленило“, општинска адмистрација, волонтери на Црвен Крст и волонтери од невладин сектор.
Денеска се расчистува и дивата депонија во близина на селото Проевце од страна на комуналното претпријатие.
Директорот на ЈП „Чистота и зеленило“ Даниел Стојчевски, вели дека програмата за расчистување на дивите депонии е започната минатата година.
Годинава, вели тој, преку општината се обезбедени два милиони денари за оваа намена.
– Со чистење на депониите започнавме вчера, а ќе продолжиме и во текот на наредната недела. Се надеваме дека до крајот на месец јуни ќе бидат завршени. Имаме соработка со месните заедници и општината од каде имаме насоки и укажувања каде има потреба да се чисти, вели Стојчевски.
Вчера е исчистена депонијата на регионалниот пат Свети Николе кај местото Ла пунти, а денес се чистиме депонијата кај место Касарна непосредно до село Проевце.
Стојчевски вели дека најмногу граѓаните реагираат на дивата депонија пред влезот на населбата Перо Чичо.
– Депонијата е чистена десетина пати и повторно ќе ја исчистиме бидејќи претставува голем проблем за месното население. Апелираме до граѓаните да ја подигнат својата свест и да не се создаваат нови диви депонии кои се штетни по здравјето на граѓаните и ја загадуваат животната средина – вели директорот Стојчевски.
Тој ги повика надлежните инспекциските служби навремено да реагираат и да ги санкционираат несовесните граѓани.
Никола Ивановски