Ученици од кумановската Гимназија домаќини на врсници од повеќе европски земји (ВИДЕО)

Сподели со своите пријатели

Ученици од кумановската Гимназија „Гоце Делчев“ оваа недела ќе бидат домаќини на врсници од Турција, Литванија и Бугарија во рамките на проектот „Заштита на животната средина“ преку Еразмус плус програмата.

 

 

Денеска учениците заедно со своите наставници учествуваа на работилница на тема обновливи извори на енергија, нивната примена во секоја од земјите поединечно, бенефитите и ризиците од прекумерното користење.

– Тие подготвуваа доста презентации и видеа, ќе имаме работилници на тема обновливи извори на енергија. Исто така ќе имаме можност да го видиме и Охрид, Скопје, Битола, ќе имаат можност да се запознаат со нашата земја. Ќе имаат можност да пробаат македонска храна, да ја видат нашата македонска култура и еве на некој начин малку да работиме и да споделиме искуства и идеи во рамките на темата на овој наш проект, изјави Јасмина Денковска, наставник при СОУ Гимназија „Гоце Делчев“.

 

 

Откако првин домаќините ја претставија земјата земја, градот и училиштето имаа можност да се запознаат со гостите од странство, но и да разменат меѓусебни искуства за обновливите извори на енергија на работилницата што следуваше.

Координатор на проектот е Литванија, земја во која примената на обновливи извори на енергија трае повеќе од една деценија и се искористуваат и соларната енергија, хидроенергијата, биогоривото и енергија од ветерот.

 

 

– Ги одбравме овие четири видови енергија затоа што тие се и најмногу користени во нашата земја, најпопуларни се и имаме компании кои се занимаваат со производство на ваков тип енергија веќе 10 до 15 години така да ваков тип на искористување на природни извори на енергија не е ништо ново, изјави Маргарита Аурушкевич, наставничка од Литванија.

Проектот е започнат уште во 2019 година, но стагнираше две години поради ковид пандемијата. Првата работилница беше во Италија, па во Турција, а на пролет домаќин ќе биде и Литванија на кумановските гимназијалци.

 

 

Учениците од Италија се спречени да учествуваат на овонеделната работилница во Куманово поради тамошните строги ковид регулативи.

Никола Ивановски