Традиционално по дванаесетти пат на 15 и 16 месецов во Скопје се одржа републичкиот детски литературен фестивал „Ракатки 2016 “, под мотото: „Во целиот свет – детето е дете“.
Оваа година, Општинските основни училишта „Вук Караџиќ“ и „Христијан Тодоровски – Карош“од Куманово ја имаа честа да ги бранат боите на својот град и да учествуваат на овој реномиран детски литературен фестивал. Учениците Андреј Јакимовски под менторство на наставникот по македонски јазик, Николче Јакимовски и Теона Тодоровска под менторство на наставничката Сања Јакимовска го поделија второто место со уште неколку ученици и настапија на фестивалската вечер.
Освен прекрасното читање на наградените творби на фестивалската вечер, учениците и нивните ментори од цела Македонија имаа можност да се дружат и по читањето, меѓусебно сплотени како што е и насловот на фестивалот „Ракатки“. Тие имаа можност да се запознаат со многу писатели за деца во Друштвото на писателите на Македонија, да посетат неколку музеи, цркви и знаменитости на главниот град, Скопје. Оваа магија на дружењето меѓу децата е само поттик да се учествува и на следниот фестивал – вели Николче Јакимовски, наставник по македонски јазик при ООУ „Вук Караџиќ“.
Loading...
Инаку, секое основно училиште од Република Македонија има право да прати по една творба на претходно распишан конкурс, а потоа Фестивалскиот одбор ги избира најдобрите творби и ги наградува.
На главната фестивалска вечер настапија триесет наградени ученици чиишто творби претставуваа мелем за ушите на слушателите кои имаа можност да уживаат во убавиот пишан збор.