Ученици од Куманово и Тиват се поврзаа преку програмата „Супер училишта“ (ФОТО)

Сподели со своите пријатели

Проектот „Глас на младите од Балканот“ ги поврза средношколците од Гимназијата „Гоце Делчев“ од Куманово и Средното мешовито училиште „Младост“ од Тиват, Црна Гора, овозможувајќи им да разменат искуства и да учествуваат во заеднички активности преку програмата „Супер училишта“.

Првиот дел од реализацијата на проектот се одвиваше во последната недела од ноември, кога група од 15 ученици и двајца наставници од кумановската гимназија престојуваа во Тиват.

 

 

За време на размената, учениците посетуваа работилници за запознавање, финансиска писменост, личен и групен идентитет, а беа организирани и спортски активности.

Во рамки на програмата, учесниците го посетија Младинскиот културен центар и Градскиот музеј во Тиват, како и атрактивните локации Lushtica Bay и Солило.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  МРК Куманово утре ќе ги одмери силите со РК Бутел

 

 

Посебен впечаток на сите остави петчасовната пловидба со брод низ живописниот залив Бока Которска.

Координатори на проектот се наставниците Лидија Тасевска и Далибор Димковски.

 

 

Тасевска истакнува дека изборот на нивното училиште за дел од мрежата „Супер училишта“ претставува голема чест и можност.

„Привилегија е што нашето училиште беше избрано за Супер училиште од мрежата на средни училишта од Западен Балкан. Придобивките од ваквите проекти се огромни, пред сè поради поттикнувањето на младинскиот активизам и регионалната соработка. Називот на нашиот проект „Глас на младите од Балканот“ е симболичен и ја покажува важноста на поврзувањето на младите преку креативни работилници и настани, ослободување од сите предрасуди, промовирање на духот на заедништвото и сплотеноста“, вели Тасевска.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Пуштена во употреба гасната мрежа во Доброшане

 

 

Проектот е целосно поддржан од Регионалната канцеларија за младинска соработка – RYCO.

Никола Ивановски