Ученици и наставници од пет држави од денеска па до 23. март ќе бидат гости на Средното стручно општинско училиште „Киро Бурназ“, а во рамките на проектот од програмата ЕРАЗМУС+ „Паметни ученици, паметни училишта“.

Проектот кумановското училиште го реализира заедно со училишта од Италија, Турција, Бугарија и Литванија, а се предвидува истиот да трае две години.

Проектот денеска беше презентиран во Занаетчискиот дом во Куманово, каде присуствуваа ученици, наставници и претставници од локалната самоуправа.
– Прва координативна средба нашите колеги одржаа во Истанбул, Турција во декември 2017- та година, а денеска ние за првпат сме домаќини на една од активностите кои што се планирани во рамки на тој проект. Секоја активност која што таму ја договорија си има посебна тема, тема на нашата активност е Употреба на софтвер за креирање забавни часови во рамки поврзано со обичаи и традиција. Овој проект ќе трае две години, од денеска па до 23 март ние ќе бидеме домаќини на претставници од Италија, Турција, Литванија и Бугарија, и се разбира ние како петта држава, петто училиште што учествуваме во тој проект, изјави директорката на ССОУ „Киро Бурназ“.

Целта на проектот е да се вклучат учениците во сопствено учење со цел да постигнат подобри резултати, а воедно да станат мотивирани и да се развива меѓукултурното разбирање и прифаќање. Воедно да се развијат и комуникациските вештини на англиски јазик и да се промовираат европските вредности и развој на кохезија со европските граѓани.

Преку проектот учениците исто така се очекува да го подобрат своето познавање во сферата на информатичко-компјутерската технологија.

Наставниците треба да разменат добри практики и методи за учење, мислења, подобрување на англискиот јазик и дигиталните и организациски вештини, наставни методи и алатки за предавање.
– Ова е прв проект од ваков размер каде што се вклучени пет држави и каде што имаме голем број активности, во тие претходни проекти ние бевме само како еднодневни учесници , додека овде сме веќе партнер -училиште , а носител на проектот е Турција, односно училиште од Истанбул, изјави Весна Трајковска , директор на ССОУ „ Киро Бурназ“.


