Твитер ѝ откри на јавноста делови од изворниот код, Маск сака транспарентност

Сподели со своите пријатели

Компанијата Твитер, во согласност со одлуката на сопственикот Илон Маск, откри во јавноста некои делови од својот изворен код кои, меѓу другото, се одговорни и за алгоритмот врз основа на кој оваа социјална мрежа им препорачува содржина на корисниците.

Loading...

Изворниот код за многу делови на Твитер е поставен во две виртуелни складишта на популарната платформа за споделување кодови GitHub, соопшти компанијата, пренесе Ројтерс.

Корисниците и програмерите на Твитер сега можат да видат како функционира социјалната мрежа и да предложат промени во алгоритмот.

Компанијата изјави дека кодот одговорен за сугерирање реклами на корисниците на Твитер не бил објавен, ниту пак податоци кои би ја загрозиле приватноста и безбедноста на корисниците.

Сопственикот на Твитер, Илон Маск, најави дека транспарентноста за кодот ќе доведе до поголема доверба кај корисниците и значителни подобрувања на социјалната мрежа.

„Нема сомнеж дека ќе се откријат некои работи кои ќе нѐ засрамат, но брзо ќе ги поправиме“, рече Маск во објавата на Твитер.

Минатата недела, некои делови од изворниот код на Twitter протекоа на GitHub, а компанијата изрази надеж дека одговорните за ова незаконско споделување кодови ќе бидат изведени пред лицето на правдата.