ТВ21: Жителите на село Романовце една недела без вода (видео)
On:
Сподели со своите пријатели
Веќе една недела жителите на селото Романовце се без вода. Тие велат дека крадците ги оставиле без вода, бидејќи ја украле електричната трафостаница, преку која функционирал системот за дистрибуција на вода, објави Телевизија 21.
Претседателот на месната заедница Орхан Амети, вели дека поради недостаток со вода, тие се незавидна состојба и дека локалната заедница нема средства за да купи нова трафостаница која чини околу 1200 евра. Според него, друг проблем претставува и тоа што граѓаните не ги плаќаат даноците што ги имаат кон месната заедница, која ја одржува водоводната мрежа во селото.
Градоначалникот на општина Куманово, Зоран Дамјановски, вели дека жителите треба да ги подмират нивните долгови и да бидат поодговорни во однос на одржувањето на водоводната мрежа, бидејќи претходно на една компанија која била задолжена за одржување на истата, не ѝ биле платени услугите.
Дамјановски ги повика жителите на селото Романовце да се организираат и да ги платат долговите што ги имаат кон локалната заедница и другите општински давачки, за да се реши нивниот проблем. Водоводот во селото кое брои 5 илјади жители, е изграден во 2001 година преку донација на УСАИД, а се одржува од самата месна заедница.