Гасоводот „Турски тек“ може да се зајакне со изградба на друг гасовод како дел од процесот на развој на гасен центар во Турција, изјави денеска Ибрахим Калин, портпарол на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.
„При презентирањето на предлогот за изградба на гасен центар во Турција, Путин го имаше предвид формирањето на нова енергетска карта во овој дел од светот на среден и долг рок, а Турција е најприродната географска локација за тоа“, изјави Калин за ТВ Хабертурк, пренесува агенцијата Тас.
„Турски тек веќе го имаме, може малку да се зајакне, може да се изгради уште еден цевковод, а потоа комплетно нова енергетска карта од исток кон запад и од север кон југ. Ова не е невозможно“, додаде тој.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, претходно им изјави на новинарите дека гасоводот Турски тек има сериозен потенцијал за проширување доколку е потребно.
„Навистина, Турција во моментов е еден од најголемите приматели на руски гас. Со Турција сме поврзани со еден од најголемите гасоводни системи Турски тек, кој има сериозен потенцијал за проширување, доколку е потребно“, рече Песков, пренесе Тас.