Турскиот суд нареди апсење на осум лица во врска со експлозијата во рудник во близина на градот Амасра на северот на земјата, која однесе 41 живот во октомври.
Меѓу уапсените се и управителот на рудникот и неговиот заменик, како и други вработени, пренесува Ројтерс.
Осомничените се обвинети дека намерно ја занемариле безбедноста во рудникот на државната компанија ТТК, предизвикувајќи смрт и повреди на неколку лица.
Критичарите на владата ги доведуваат во прашање безбедносните протоколи по експлозијата, а главната опозициска Републиканска народна партија (ЦХП) тврди дека државната ревизија во 2019 година покажала дека рудникот Амасра претставува значителен ризик.
Обединетата комора на инженери и архитекти на Турција соопшти дека инспекциите во рудникот не биле соодветни поради намалувањето на бројот на вработени квалификувани за овој вид работа.