Турските власти денеска потврдија дека најмалку 40 лица загинале во големи поплави и лизгање на земјиштето во крајбрежниот дел на Турција.
Турската агенција за катастрофи (АФАД) објави дека 34 лица загинале во провинцијата Касатмон, а шестмина во Синоп, пренесува АП.
Невремето на 11 август ги погоди крајбрежните провинции на Црното Море, Бартин, Кастамону, Синоп и Самсун, предизвикувајќи поплави што уништија куќи, однесоа најмалку пет мостови и десетици автомобили и направија бројни патишта непроодни.
Според соопштението на АФАД, девет лица во моментов се хоспитализирани во Синоп, а едно лице се води како исчезнато во провинцијата Бартин, но некои од жителите на оваа област на социјалните мрежи изјавиле дека има уште стотици исчезнати.
Околу 2.250 луѓе се евакуирани низ целиот регион, некои со хеликоптери од покривите, а многумина се привремено сместени во студентски домови, соопштија властите.
Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, денеска пристигна да ги посети подрачјата погодени од поплавите, и во таа прилика рече дека државата ќе стори сé што е во нејзина моќ за брзо поправање на штетите.
Поплавите, една од најлошите во историјата на Турција, ги погодија северните провинции по локализираните пожари во западниот дел на земјата, во кои загинаа најмалку осум лица, а илјадници беа принудени да се евакуираат од своите домови.