Канадскиот премиер Џастин Трудо ја обвини Кина дека се обидува да се меша во канадските избори.
Тој го обвини Пекинг дека „игра агресивни игри со демократијата“ и дека ги таргетира канадските институции.
Врз основа на извештаите на локалните медиуми, канадското разузнавање идентификувало „тајна мрежа“ на кандидати на неодамнешните избори поддржани од Пекинг.
Кина поддржа најмалку 11 кандидати на федералните избори во 2019 година, наводно му рекле официјални лица на канадскиот премиер.
Консултанти за кампања
Повикувајќи се на неименувани разузнавачки претставници, локалниот радиодифузер Глобал њуз објави дека Пекинг им доделил средства на кандидатите и дека кинеските оперативци служеле како советници за кампањата на многу од кандидатите.
Во еден случај, финансирањето од 250.000 канадски долари, што е повеќе од приближно 184.000 американски долари, било насочено преку канцеларијата на претставник на провинцијата со седиште во Онтарио, пишува Би-Би-Си.
Преку тајни операции, наводно водени од кинескиот конзулат во Торонто, Кинезите се обиделе да засадат оперативци во канцелариите на членовите на парламентот за да влијаат на политиката, според Глобал њуз.
Исто така, весникот пишува дека Кинезите направиле напори да ги корумпираат поранешните канадски функционери во обид да добијат влијание во политичките кругови во Канада.
Се верува дека цел на обидот за мешање во изборите биле двете големи политички партии – Либералната партија на Џастин Трудо и опозициската Конзервативна партија.
Истрага на наводите
Сепак, не е јасно дали операцијата била успешна. Кинеските власти во Канада не одговорија на прашањата на Глобал њуз за наводите.
– Презедовме значајни мерки за зајакнување на интегритетот на нашите изборни процеси и нашите системи и ќе продолжиме да инвестираме во борбата против мешањето во изборите, како и против странското мешање во нашите демократии и институции. За жал, гледаме дека земјите од целиот свет, без разлика дали е тоа Кина или други, продолжуваат да играат агресивни игри со нашите институции, со нашата демократија – рече Трудо.
Извештаите за мешање во изборите доаѓаат откако властите соопштија дека ги истражуваат наводите дека Кина отворила неофицијални „полициски станици“ на канадска територија.
И во Европа се истражуваат илегални кинески „полициски станици“.
Минатиот месец, канадската полиција соопшти дека ги истражува извештаите за криминални активности поврзани со „полициски станици“.
Неколку европски земји, вклучително и Ирска и Холандија, веќе ѝ наредија на Кина да ги затвори „полициските станици“ кои наводно се користат за притисок врз владините противници да се вратат во Кина и да се соочат со кривични пријави.
Холандските медиуми пронајдоа докази дека таканаречените кинески канцеларии во странство, кои ветуваат дека ќе даваат дипломатски услуги, биле користени за да се обидат да ги замолчат кинеските дисиденти во Европа.