Три од оперативните нуклеарни централи во Украина го намалија производството на електрична енергија по најновите напади врз енергетската инфраструктура, што дополнително ја зголеми заканата за нуклеарната безбедност на земјата, изјави генералниот директор на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), Рафаел Маријано Гроси.
„По втор пат за помалку од две недели, нуклеарните централи на Хмелницки, Ривне и Јужноукраинската електрана ја намалија својата моќност како мерка на претпазливост за време на големи воени операции во земјата“, рече Гроси во четвртокот, јави Танјуг.
Според него, два тима на МААЕ кои работат во Украина биле принудени да се кријат во засолништа за време на воздушните напади, пренесува Укринформ.
Генерално, сите девет реактори во нуклеарните централи во Украина имаат намалена моќност, а еден реактор, во СИ Ривне, е исклучен од мрежата.
Нуклеарна безбедност
„Енергетската инфраструктура на Украина е исклучително кревка и ранлива, што претставува голем ризик за нуклеарната безбедност. Уште еднаш повикувам на максимална воена воздржаност во областите каде што се наоѓаат главните капацитети за нуклеарна енергија и другите капацитети од кои тие зависат“, рече Гроси.
Овие трафостаници биле оштетени при претходното гранатирање, особено во август, наведува Укринформ.
Русија изврши голем напад врз енергетската инфраструктура на Украина во четвртокот, предизвикувајќи експлозии и итни прекини на струја низ целата земја, соопштија властите.
Нападите на Русија врз енергетската инфраструктура ја прекинаа електричната енергија на најмалку милион луѓе во три западни региони, соопштија локалните власти.
Рускиот претседател Владимир Путин во четвртокот објави дека во изминатите два дена Русија лансирала 100 ракети од различни класи и 466 беспилотни летала на територијата на Украина како одговор на континуираните напади на американско оружје на руска територија.