Педесетина лица кои живеат во козјачкото село Добрача во општина Старо Нагоричане останале целосно отсечени од цивилизацијата, откако по обилните врнежи од дожд на 7ми јуни локалниот пат од и до селото е непрооден, информираат од Регионалниот центар за управување со кризи.
Во селото живеат 50 жители од кои повеќето се стари лица и не се знае кога ќе им биде потребна лекарска помош – рекло лицето кое во РЦУК го пријавило овој проблем.
Општината Старо Нагоричане вчера во 14 часот до РЦУК доставила целосен извештај за настанати штети од поројните дождови и записник од одржаната седница на Општинскиот штаб за заштита и спасување одржан на 8ми месецов, каде според претставникот на општината досега не биле преземени никакви мерки за отстранување на последиците од невремето од страна на локалните власти.
Откако пристигнала пријавата на жителите од селото Добрача, РЦУК побарале одговор од општината, меѓутоа таму им рекле дека има повеќе локални патни правци кои се непроодни, но дека не се знае дали општината ќе преземе некакви мерки за расчистување на патните правци кои се непроодни или пак ќе побараат помош од надлежните субјекти во справување со целата состојба.
Сепак никој од општината не побарал помош од Регионалниот центар за управување со кризи, од каде пак го известиле подрачното одделение на Дирекцијата за заштита и спасување.

