Податоците потребни за да се утврди дали е препорачливо да се даде третата доза од вакцината Модерна за „Ковид 19“ , и втората на Џонсон и Џонсон ќе бидат познати за само неколку недели, изјави Ентони Фаучи, главен медицински советник на американскиот претседател Џо Бајден.
Американските здравствени регулатори веќе почнаа да размислуваат за давање трета доза на вакцината Фајзер-Бијонтек, објави Ројтерс.
Советодавното тело на Администрацијата за храна и лекови на САД ја препорача третата доза на вакцината Фајзер-Бијонтек во саботата за лица над 65 години или со висок ризик од сериозна болест Ковид 19, но одби да поддржи давање трета доза на поголемиот дел од популација.
Луѓето кои примиле две дози вакцина Модерна или една доза вакцина Џонсон и Џонсон се уште чекаат насоки за евентуално примање дополнителна доза од вакцината.
– Податоците за давање на третата доза на вакцината Модерна и втората доза на вакцината Џонсон и Џонсон ќе бидат готови за неколку недели – истакна Фаучи.
„Во моментов работиме на тоа како да ги доставиме податоците до ФДУ и како можеме да ги прегледаме и да одлучиме за дополнителни дози“, додаде Фаучи.
Податоците, исто така, може да покажат дека е неопходно да се даде дополнителна доза вакцини на пошироката американска популација, рече тој.