Доналд Трамп, претседателот на Соединетите Американски Држави, изјави дека верува оти украинскиот претседател Володимир Зеленски е „разумно блиску“ до прифаќање на американскиот план за завршување на војната во Украина.
„Мислиме дека имаме начин да постигнеме мир, а тој (Зеленски) ќе мора да го одобри“, рече Трамп во Овалната соба, додавајќи дека не сака да „предвидува“, но дека се „блиску“.
Зеленски претходно објави дека Киев ги интензивирал разговорите со Вашингтон за предлогот, по речиси едночасовниот разговор со потпретседателот Џ.Д. Венс и секретарот на армијата Ден Дрискол.
Тој изјави дека двете страни разговарале за бројни детали и дека Украина се обидува да обезбеди решението да биде „достоинствено и ефикасно“.
Тој им се заблагодари на САД за нивната подготвеност за соработка и нагласи дека Украина, САД и европските партнери ќе продолжат со координацијата на ниво на советници за национална безбедност.
„Позитивно гледаме на секој реалистичен предлог“, рече Зеленски, нагласувајќи дека тимовите се подготвени да работат без престан.
Трамп претходно изјави дека очекува одговор од Украина до 27 ноември.

