Поранешниот американски претседател Доналд Трамп ја осуди социјалната мрежа Твитер бидејќи, според него, тоа им овозможило на Талибанците да се рекламираат, додека неговиот профил бил отповикан.
„Срамота е да се мисли дека имате убијци и разбојници и диктатори и… многу морничави диктатори, држави, и на сите им е дозволено да зборуваат, но претседателот на САД, зад стотици милиони луѓе, е однесен надвор од мрежата”, рече Трамп за „Њузмакс” во телефонско интервју од среда во вечерните часови.
Дејли Мејл пренесува дека на портпаролот на Талибанците, Забихула Муџахид му било дозволено да ги ажурира податоците за исламистичкиот напредок, опишувајќи како талибанските воени единици го освоија Кабул.
Другите платформи, како што е Фејсбук, не дозволуваат коментари кои го слават насилството, а тоа важи и за терористичка група како што се Талибанците, додава британскиот весник.
Но, до средата навечер, профилот на Муџахедин на Твитер беше активен, со повеќе од 322.000 следбеници.
Портпаролот на Твитер рече дека ситуацијата во Авганистан брзо се менува и дека луѓето во таа земја го користат Твитер за да побараат помош.
„Приоритет на Твитер е безбедноста на луѓето, ние остануваме цврсто посветени на тоа. Ќе продолжиме да ги спроведуваме правилата на компанијата и ќе ја следиме содржината што може да ги прекрши правилата на Твитер, особено правилата за величење на насилство, манипулација со платформата и „спамирање”, изјави портпаролот.
Твитер трајно го укина профилот на Трамп на 8 јануари, по немирите што ги предизвикаа неговите поддржувачи во Капитол на 6 јануари, а во тоа време имаше повеќе од 80 милиони следбеници.

