Претседателот на Соединетите Американски Држави Доналд Трамп денеска изјави дека има „многу добри разговори“ во врска со војната меѓу Русија и Украина, наведувајќи дека „нешто може да се случи“ како резултат на преговорите, без да наведе дополнителни детали.
„Многу, многу добри разговори денеска во врска со Русија и Украина. Нешто може да се случи“, им рече Трамп на новинарите, пренесе Ројтерс.
Ројтерс вчера, повикувајќи се на извори, објави дека американските и украинските преговарачи разговарале за целта Русија и Украина да постигнат мировен договор до март, иако, според извори запознаени со разговорите, тој рок најверојатно ќе биде пропуштен поради несогласувањата за клучното прашање за територијата.
Според истите извори, за можноста за одржување референдум и избори во мај разговарале и Соединетите Американски Држави и Украина.
Специјалниот пратеник на Трамп, Стив Виткоф, во четвртокот изјави дека делегациите на САД, Украина и Русија постигнале договор за размена на 314 воени заробеници.

