Трамп по разговорот со Зеленски: Војната мора да заврши во рок од еден месец!

Сподели со своите пријатели

Американскиот претседател Доналд Трамп во телефонски разговор со украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека сака што поскоро да ја заврши војната со Русија и дека негова цел е да постигне мировен договор до летото, објави Axios, повикувајќи се на украински функционер и уште два извори запознаени со разговорот.

Според истите извори, објавува Axios, сè уште постојат значителни разлики меѓу Украина и Русија, особено околу територијалната контрола во источна Украина.

Прв разговор по Давос

Получасовниот телефонски разговор беше првиот контакт меѓу двајцата лидери по нивната средба во Давос на крајот на јануари, според Axios.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  И Стивен Хокинг во досиејата на Епстин

Разговорот се одржа еден ден по четвртата годишнина од почетокот на руската инвазија на Украина и пред средбата на американските пратеници Џаред Кушнер и Стив Виткоф со украинскиот преговарачки тим во Женева.

Кушнер и Виткоф, исто така, учествуваа во телефонскиот разговор со Зеленски.

Според извор запознаен со плановите, рускиот претставник Кирил Дмитриев би можел да биде во Женева во четврток на одделни разговори со американски претставници.

„Многу пријателски и позитивен разговор“

Три извори го опишаа разговорот меѓу Трамп и Зеленски како многу пријателски и позитивен, пишува Axios.

Еден украински функционер изјави дека Зеленски му се заблагодарил на Трамп за неговата досегашна помош и рекол дека само тој може да го принуди рускиот претседател Владимир Путин да ја запре војната.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Украина: Околу 20 лица ранети во нападите на руски ракети и дронови

Според изворите, Зеленски изразил надеж дека војната би можела да заврши оваа година, на што Трамп одговорил дека конфликтот трае предолго и дека би сакал да заврши во рок од еден месец.

Белата куќа не одговори на барањето за коментар.

Можен самит на тројцата лидери

Една од темите на дискусија беше можна средба на лидерите на САД, Украина и Русија.

Зеленски минатата недела за Axios изјави дека преостанатите разлики околу територијалните прашања би можеле да се надминат преку директни разговори меѓу него, Трамп и Путин.

Според извори, Трамп рекол дека ќе работи на организирање на таков состанок доколку следниот состанок на американските, руските и украинските преговарачи, планиран за почетокот на март, донесе поголем напредок.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  ЦИА упати видео до иранското население: Знак дека е пред почеток? (ВИДЕО)

„Очекуваме дека овој состанок ќе создаде можност разговорот да се подигне на ниво на лидери. Претседателот Трамп поддржува таков редослед на чекори. Ова е единствениот начин да се решат сите сложени и чувствителни прашања и конечно да се стави крај на војната“, напиша Зеленски на социјалната мрежа X.

Еден украински функционер додаде дека Трамп ја повторил својата подготвеност да ѝ понуди на Украина значајни безбедносни гаранции од САД како дел од евентуален мировен договор со Русија.