Претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, денеска изјави дека е добро што Хамас одговорил „во позитивен дух“ на предлогот за прекин на огнот во Газа, кој е подготвен со посредство на САД.
Трамп, во изјава за новинарите во авионот „Air Force One“, рече дека постои можност договор за примирје да биде постигнат до следната недела, но нагласи дека не е информиран за моменталниот статус на преговорите, пренесува Reuters.
Хамас вчера соопшти дека на посредниците им предал позитивен одговор на предлогот за прекин на огнот во Газа, кој е изработен со посредство на САД и предвидува примирје во времетраење од 60 дена, пренесе Al Jazeera.
Да потсетиме, Израел и Хамас се во вооружен конфликт во Појасот Газа од октомври 2023 година, по нападот на Хамас на југот на Израел.
Предлогот за 60-дневно примирје меѓу Израел и Хамас, кој го поддржуваат САД, предвидува постепено ослободување на заложници, повлекување на израелските трупи од делови на Газа и почеток на преговори за конечно запирање на конфликтот, изјави во средата еден официјален претставник запознаен со преговорите.