Претседателот на САД, Доналд Трамп, е критикуван откако администрацијата ги потврди плановите за испраќање на Националната гарда во Чикаго.
Портпарол на Пентагон изјави дека Министерството за одбрана, во соработка со партнерските агенции, работи на подготовки за „заштита на федералните средства и персонал“, но одби да ги прецизира следните чекори.
Лидерот на малцинството во Претставничкиот дом, демократот Хаким Џефрис, оцени дека Трамп „ја измислил кризата“ за да го оправда вклучувањето на војската во внатрешните работи, заобиколувајќи ги локалните власти.
„Трамп се коцка со американските животи и ја злоупотребува моќта за политички поени“, рече Џефрис во интервју за CNN.
Градоначалникот на Чикаго, Брендон Џонсон, го нарече таков план „најфлагрантно кршење на Уставот во 21 век“, додека гувернерот на Илиноис, Џ. Б. Прикер, го обвини претседателот за одвлекување на вниманието од економските проблеми и последиците за американските семејства.
Според информациите потврдени од претставници на Пентагон, околу 1.700 припадници на Националната гарда се подготвени за мобилизација во 19 држави со мнозински републикански влади.
Нивната улога, како што е наведено, би била логистички и административно да ја поддржат Службата за имиграција и царина (ICE) како дел од построгите мерки за контрола на миграцијата.
Опозицијата во Вашингтон предупредува дека ова е невиден преседан, потсетувајќи дека слични интервенции веќе се спроведени во Лос Анџелес и во главниот град на САД.