Доналд Трамп изјави дека бил премногу зафатен за да ѝ подари подарок на сопругата Меланија Трамп за нејзиниот 55-ти роденден во сабота, но дека ќе ја почасти со романтична вечера во авионот „Ер Форс Уан“ за време на нивното патување во Рим за погребот на папата Франциск.
Претседателот и неговата сопруга пристигнаа во италијанската престолнина во петокот вечерта, што е нивно прво патување во странство откако Трамп се врати во Белата куќа на 20 јануари.
Но, наместо да останат на вечера во римски ресторани, двојката има намера веднаш по церемонијата да се врати во САД.
78-годишниот богаташ призна дека тоа можеби не е најдобриот начин да го прослави роденденот на неговата сопруга.
„Мора да работи на својот роденден“, им рече тој на новинарите во претседателскиот авион.
„Немав време да купам подароци, бев многу зафатен“, објасни тој.
Кога еден новинар го прашал дали има намера да ја поведе сопругата на вечера за нејзиниот роденден, тој одговорил: „Ја носам на вечера во Ер Форс Уан“.
Доналд и Меланија Трамп живеат претежно одвоено откако претседателот се врати на функцијата, а Меланија го поминува поголемиот дел од времето во Њујорк, каде што нивниот 19-годишен син оди на колеџ.
Сепак, тие се појавија неколкупати заедно, вклучително и на ловот на велигденски јајца во Белата куќа во понеделник.