Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека не му е грижа дали производителите на автомобили ги зголемуваат цените поради неговите царини.
Запрашан од Ен-Би-Си во вчерашното телефонско интервју за тоа дали вршел притисок врз производителите на автомобили да избегнат да ги зголемат цените откако ќе стапат на сила неговите тарифи од 25 отсто за увезените автомобили и делови, Трамп негираше дека им рекол на директорите да ги контролираат трошоците.
„Не, никогаш не го кажав тоа. Не ми е грижа дали ќе ги зголемат цените, бидејќи луѓето ќе почнат да купуваат американски автомобили“, посочи Трамп.
Волстрит журнал во четвртокот објави дека Трамп разговарал со директорите на автомобили овој месец и им се заканил со уште повисоки царини доколку ги зголемат цените поради увозните даноци.
Сепак, Трамп во саботата рече дека се надева дека неговите тарифи ќе доведат до повисоки цени, бидејќи тоа ќе ги охрабри производителите на автомобили да ги градат своите автомобили и делови во САД и ќе ги убедат клиентите да купуваат американски автомобили.
„Не ми е гајле. Се надевам дека ќе ги зголемат цените, бидејќи ако го сторат тоа, луѓето ќе купуваат автомобили од американско производство. Имаме многу од нив“, посочи тој.
Трамп најави нови увозни даноци од 25 отсто за автомобили и делови кои доаѓаат во САД во четвртокот.
Тој рече дека најновите тарифи ќе стапат на сила на 2-ри април, а надоместоците за компаниите кои увезуваат возила ќе започнат еден ден подоцна.
Увозните давачки за делови најверојатно ќе почнат во мај.