Претседателот на САД, Доналд Трамп, најави „специјално претседателско обраќање“ од Овалната соба за денес, потврди Белата куќа – но мислењата се поделени за тоа што би можел да каже.
Белата куќа потврди во вторник дека претседателот Доналд Трамп ќе даде „специјално соопштение“ во 14:00 часот по локално време (19:00 часот по средноевропско време).
Сепак, и покрај официјалниот распоред во кој се наведува дека претседателот ќе даде изјава, деталите за темата на обраќањето се уште не се познати, пишува Mirror.
Објавата дојде откако Трамп повторно се најде во центарот на вниманието поради шпекулациите за неговото здравје.
Имено, неодамнешните фотографии покажаа темни модринки на неговата рака, што предизвика шпекулации за можни здравствени проблеми.
Трамп реагираше на ова со кратка објава на социјалната мрежа Truth Social:
„НИКОГАШ НЕ СУМ ЧУВСТВУВАЛ ПОДОБРО ВО МОЈОТ ЖИВОТ.“
Чикаго под лупа: Националната гарда во готовност?
Некои американски аналитичари веруваат дека темата на денешното обраќање ќе биде поврзана со безбедносната состојба во Чикаго, третиот по големина град во САД.
За време на продолжениот викенд по повод Денот на трудот, во тој град беа убиени осум лица, што Трамп го искористи како причина за можна мобилизација на Националната гарда.
„Гувернер Прицкер, подобро да го среди ова – и тоа брзо – или доаѓаме!“, се закани Трамп преку Truth Social, осврнувајќи се на распоредувањето на трупите во Вашингтон минатата недела.
Нова ескалација со Венецуела: Дали САД подготвуваат инвазија?
Најавата на Трамп доаѓа и во чувствителен геополитички момент.
Во последните денови, претседателот ја заостри својата реторика кон Венецуела, обвинувајќи го режимот на Николас Мадуро за вмешаност во меѓународната трговија со дрога и етикетирајќи ја земјата како безбедносна закана за САД.
Затоа, американската морнарица распореди два разорувачи со ракетни системи „Егис“ – „УСС Грејвли“ и „УСС Џејсон Данам“ – во Карипското Море, а дополнителни бродови, вклучувајќи го разорувачот „УСС Сампсон“ и крстосувачот „УСС Лејк Ери“, се позиционирани покрај брегот на Латинска Америка.
Венецуелскиот претседател Мадуро остро реагираше на воената активност на САД, прогласувајќи највисоко ниво на подготвеност.
„Под услови на максимален воен притисок, прогласивме максимална подготвеност за одбрана на Венецуела“, изјави тој за време на викендот, повикувајќи го народот на единство.