Американскиот претседател Доналд Трамп објави дека ќе го угости турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во Белата куќа на 25 септември и дека очекува трговски и воени договори да бидат склучени во таа пригода.
„Работиме на многу трговски и воени договори со претседателот, вклучувајќи ја купувањето на големи авиони Боинг, големиот договор за Ф-16 и продолжувањето на разговорите за Ф-35, за кои очекуваме дека ќе завршат позитивно“, рече Трамп во петокот во објава на неговата социјална мрежа Truth Social, објави Ројтерс.
Ердоган последен пат ја посети Белата куќа во 2019 година, за време на првиот мандат на Трамп.
„Претседателот Ердоган и јас отсекогаш имавме многу добри односи. Со нетрпение очекувам да го видам на 25 септември“, додаде Трамп.
Турција ја налути администрацијата на Трамп во 2019 година со купувањето на рускиот противракетен систем С-400, а како одговор, Вашингтон ја откажа планираната продажба на борбени авиони Ф-35 на Турција и ја исфрли од заедничката програма за производство на авиони, потсетува Ројтерс. Потоа Турција се согласи на договор за купување авиони Ф-16.