Американскиот претседател Доналд Трамп одби да одобри пакет воена помош за кинескиот регион Тајван во вредност од над 400 милиони долари во обид да постигне трговски договор со Пекинг, објави „Вашингтон пост“, повикувајќи се на неименувани американски претставници.
„Претседателот Доналд Трамп ова лето одби да одобри повеќе од 400 милиони долари воена помош за Тајван додека се обидуваше да преговара за трговски договор и потенцијален самит со кинескиот претседател Си Џинпинг, според пет лица запознаени со ситуацијата“, според напис во американскиот весник.
Одлуката, која сè уште може да се поништи, претставува промена во политиката на САД кон островот, кој Кина го смета за своја територија, велат изворите.
Според извори запознаени со ситуацијата, пакетот помош што се дискутира вклучува беспилотни летала и муниција и е значително повреден од претходните.
Белата куќа му соопшти на „Вашингтон пост“ дека конечната одлука сè уште не е донесена, пренесува Танјуг.
Пекинг го смета Тајван за составен дел од Народна Република Кина, а почитувањето на принципот „една Кина“ е предуслов за другите земји кои сакаат да воспостават или одржуваат дипломатски односи со неа.
Соединетите Американски Држави се придржуваат до ова правило и не ја признаваат независноста на островот, но одржуваат блиски контакти со Тајпеј во различни области и го снабдуваат со оружје.