САД и Украина сè уште преговараат за договор за суровини, но барањата на Трамп стануваат сè поголеми и повисоки.
На Украинците им се чини дека сакаат да ги претворат во „економска колонија“.
Поминаа повеќе од шест недели од скандалот во Белата куќа кога пропадна потпишувањето на договорот за американска експлоатација на рудното богатство на Украина.
И покрај непријатностите што украинскиот претседател мораше да ги доживее од Доналд Трамп и неговите соработници, двете страни признаваат дека „се уште постои интерес“ за постигнување договор.
Но, се чини дека гледиштата се повеќе се одвојуваат.
Главен извор на информации, вклучително и за американските медиуми, се украинските функционери кои очигледно се запознаени со новите американски барања.
И во исто време, постои вистинска огорченост кон она што сега го бараат Трамп и неговиот народ.
Затоа што тука веќе не се работи само за рамковен договор што требаше да се потпише во Белата куќа, туку за многу конкретни мерки, врз основа на кои САД не само што ќе го стекнат правото врз минералните суровини на Украина, туку и дека американските компании ќе добијат контрола врз нивната експлоатација.
Како што јави агенцијата Ројтерс, Американците сега бараат надзор над гасоводот преку кој до крајот на минатата година течеше гас од Русија во Европа, а кој треба да биде ставен под управување на американската државна корпорација IDFC (International Development Finance Corporation).
Сите пари прво до Вашингтон
Со содржината на барањето очигледно е запознаен и украинскиот пратеник Јарослав Железњак од опозициската партија Холос, па своето несогласување го изрази на својот канал Телеграм.
Затоа што таа корпорација во сопственост на Вашингтон треба да биде задолжена за целото рудно богатство во неговата земја, со тројца Американци кои седат во петчлениот Управен одбор.
Исто така, „неповолно за нас“, пишува Железњак, е тоа што сите износи треба да се претворат во американски долари, кои треба да се складираат надвор од Украина.
„Њујорк тајмс“ наведува и дека целиот приход од тој фонд за експлоатација на богатството на Украина треба прво да оди во САД додека не се врати целата сума што Украина ја доби како американска воена помош.
Дури после тоа Киев би имал нешто од своето богатство.
Па дури и тоа не е доволно за Трамп: ако не се реализира очекуваниот профит, тогаш Украина треба да плати за тоа од други извори.
Украинскиот опозиционер Железњак, како и многу други информирани извори во Украина, тврдат дека таквиот предлог за договор не само што е крајно неповолен, туку и бесмислен за Украина.
Во својот коментар, влијателниот интернет портал „Европејска правда“ пишува дека во својот последен предлог Трамп „ги надминал речиси сите граници кои претходно биле договорени“.
Има и коментари дека САД очигледно сака да ја претвори Украина во своја економска колонија.
Некомпатибилни со членството во ЕУ
Официјално владата во Киев ниту ги потврди ниту ги демантираше објавените детали од последниот американски предлог.
Сепак, украинскиот претседател Зеленски јасно стави до знаење дека нема да може да ги прифати сите тие американски барања.
Пред се, станува збор за собирање на американска воена помош од изминатите години, кога таа пристигна без никакви услови.
Покрај тоа, Зеленски предупредува дека таквиот договор со САД би можел да биде во спротивност со правилата на Европската унија, на која Украина се стреми да се приклучи.
Имено, станува збор за барањето на Вашингтон тој да има право на вето на сите идни инвестиции кога станува збор за експлоатација на минералните суровини на Украина.
Според украинската новинска агенција Укринформ, со чии новинари Зеленски неофицијално разговарал, украинскиот претседател смета дека за заострувањето на условите првенствено е виновен американскиот министер за финансии Скот Бесант.
Украинскиот претседател при посетата на Киев доби впечаток дека американскиот министер сака да ги диктира условите на Вашингтон.
Дали сепак ќе има преговори?
„Го бранам она што ѝ припаѓа на Украина“, изјави Зеленски за новинската агенција.
Тој смета дека некаков договор мора да биде поволен за двете страни. Исто така, украинскиот претседател вели дека „воопшто повеќе не се зборувало“ за какви било воени гаранции на САД за безбедноста на неговата татковина.
Сепак, украинската вицепремиерка и министерка за правда, Олга Стефанишина, тврди дека Украина сè уште не се откажала од договорот со САД за минералните суровини и дека го испратила својот предлог минатата недела.
Таа не сакаше да зборува за детали, туку само изјави дека „добар знак е дека повторно се разговара за тоа“.
Таа претпоставува дека преговорите ќе продолжат уште долго, „додека не постигнеме договор“.
Но, изворите на Ројтерс во Украина се многу помалку оптимисти.
Тие известуваат дека расположението на преговорите меѓу американската и украинската страна досега било „крајно антагонистичко“.