Претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, изјави дека го цени коментарот на поранешната кандидатка за американски претседател, Хилари Клинтон, која рече дека таа ќе го номинира за Нобелова награда за мир ако успешно посредува во завршувањето на војната во Украина – под услов да го стори тоа без територијални отстапки кон Русија.
„Не сакам да бидам вклучен во такви работи. Ако таа го кажала тоа, тоа е многу убаво. И всушност навистина го ценам тоа“, рече Трамп.
Клинтон, која е и поранешна државна секретарка на САД, вчера изјави дека би го номинирала Трамп за мир ако тој ја заврши војната во Украина.
„Ако тој би можел да ја заврши руската војна без да ја стави Украина во позиција каде што мора да ја отстапи својата територија на агресор. Тој не се среќава со пријател. Тој се среќава со противник, и тоа со противник кој сака да види уништување на Соединетите Американски Држави и западниот сојуз“, рече Клинтон во подкастот „Raging Moderates“.
Клинтон, која беше и кандидат за претседател во 2016 година, рече дека Трамп навистина може да се соочи со Путин за да стави до знаење дека мора да има прекин на огнот, дека нема да има размена на територии и дека Путин треба да се повлече од териториите што ги зазел во одреден временски период за да покаже „добри напори“.