Белата куќа денес објави дека по средбата со рускиот претседател Владимир Путин во Алјаска, американскиот претседател Доналд Трамп имал „подолг“ разговор со украинскиот претседател Володимир Зеленски и дека во моментов има телефонски разговори со лидерите на членките на НАТО.
Засега нема дополнителни детали за овие разговори, според „Гардијан“.
По вчерашната средба со рускиот претседател Владимир Путин во Алјаска, Трамп изјави дека сега од украинскиот претседател Володимир Зеленски зависи „да постигне договор“ за решавање на конфликтот во Украина.
Трамп нагласи дека неговата порака до Зеленски е „Направете договор“.
Во интервју за „Фокс њуз“ снимено во Алјаска по средбата со Путин, тој додаде дека „европските земји треба малку да се вклучат“.
Тој, исто така, ја потврди својата подготвеност да учествува на следниот состанок.
Тричасовниот состанок меѓу претседателите на САД и Русија заврши со најави за иден договор, но без конкретни детали за тоа за што се согласиле лидерите на двете земји.