Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хаменеи, е мртов, и покрај претходните негирања од Техеран, тврдејќи дека станува збор за „психолошка војна“.
Државните и полуофицијалните медиуми на Иран, вклучувајќи ги Тасним и Мехр, претходно изјавија дека Хаменеи е жив и „цврсто управува со ситуацијата“, отфрлајќи ги извештаите за неговата смрт како непријателска пропаганда.
Сепак, Трамп во објава на својата социјална мрежа Truth Social тврди дека Хаменеи е убиен за време на американско-израелските операции.
„Хамнеи, еден од најзлите луѓе во историјата, е мртов. Ова не е само правда за народот на Иран, туку и за големите Американци и луѓето од многу земји низ целиот свет кои биле убиени или осакатени од Хаменеи и неговата банда крволочни бандити“, напиша Трамп.
Трамп изјави дека Хаменеи „не можел да ги избегне американските разузнавачки и софистицираните системи за надзор“ и дека, како што тврди, „немало ништо што тој или другите лидери убиени заедно со него можеле да направат“.
Американскиот претседател, исто така, рече дека ова е „најголемата можност за иранскиот народ да ја врати својата земја“, тврдејќи дека некои членови на иранската Револуционерна гарда, армијата и безбедносните сили наводно повеќе не сакаат да се борат и бараат имунитет.
Тој додаде дека американското бомбардирање на Иран ќе продолжи.
„Тешкото и прецизно бомбардирање ќе продолжи, без прекин, една недела или колку што е потребно за да ја постигнеме нашата цел – мир на Блискиот Исток и, всушност, во целиот свет“, напиша Трамп.
Досега нема независна потврда за смртта на ајатолахот Хамнеи, додека иранските власти инсистираат дека врховниот лидер е жив, а спротивставените тврдења ја зголемуваат неизвесноста во брзорастечкиот конфликт.

