Администрацијата на претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, развива нов систем за противракетна одбрана наречен „Златна купола“, кој ќе се состои од четири слоја на заштита – еден во вселената и три на копно, со вкупно 11 батерии со краток дострел распоредени низ континенталниот дел на САД, како и во Алјаска и Хаваи.
Презентацијата на проектот, наречен „Go Fast, Think Big!“, беше презентирана минатата недела пред околу 3.000 изведувачи од областа на одбраната во Хантсвил, Алабама, а документите укажуваат на извонредната сложеност на системот што треба да биде оперативен до 2028 година, што е целта поставена од самиот Трамп, според Ројтерс во денешната анализа.
Иако се проценува дека трошоците за изградба на системот ќе изнесуваат околу 175 милијарди долари, сè уште не е прецизирано колку лансери, пресретнувачи, копнени станици и ракетни бази ќе бидат потребни.
Според американските претставници, досега Конгресот одобрил 25 милијарди долари за „Златната купола“, додека дополнителни 45,3 милијарди долари се предвидени во предлог-буџетот на Трамп за 2026 година.
Системот „Златна купола“ е замислен како повеќеслоен штит за одбрана на територијата на САД од ракетни закани, моделиран според израелскиот систем „Железна купола“, но во многу поголем обем поради географскиот опсег што мора да го покрие и разновидноста на потенцијалните закани.
Според достапните информации, системот ќе има четири интегрирани слоеви – вселенски сегмент со сензори за рано предупредување и следење на ракети, како и три копнени слоеви што вклучуваат пресретнувачи, радарски системи и потенцијално ласери.
Една од најзначајните новини е планираната изградба на голема ракетна база во американскиот Среден Запад, која би служела за распоредување на најновите пресретнувачи.
САД во моментов имаат бази за лансирање на ракетна одбрана во јужна Калифорнија и Алјаска, додека трета база на Средниот Запад дополнително би ја зајакнала одбраната од меѓуконтинентални балистички ракети од земји кои се сметаат за „непријателски“.
Една од клучните цели на „Златната купола“ е можноста за пресретнување на ракети во раната фаза на летот, додека ракетата сè уште се искачува низ атмосферата, што би ги зголемило шансите за успешно пресретнување.