Трамп го отфрли планот на Израел за напад на иранските нуклеарни постројки

Сподели со своите пријатели

Претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, одби да го поддржи планот на Израел за напад на иранските нуклеарни постројки, одлучувајќи за дипломатски преговори со Техеран, според американски претставници и извори запознаени со ситуацијата.

Loading...

Како што објави Њујорк Тајмс, Израел планирал да изврши напади врз иранските нуклеарни локации уште во мај, што значително би ја попречило иранската програма за нуклеарно оружје.

Речиси сите планови ќе бараат американска воена помош со цел нападот да биде успешен.

Сепак, по неколкумесечна дебата во Белата куќа, постигнат е консензус да се даде приоритет на преговорите, бидејќи Иран покажа подготвеност за дијалог.

За време на состанокот со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во Вашингтон на почетокот на април, Трамп го информираше израелскиот лидер дека САД нема да го поддржат нападот додека траат преговорите со Иран.

Нетанјаху јавно кажа дека секој договор со Техеран мора да дозволи „влез, уништување на објекти и демонтирање на опремата под американски надзор и извршување“.

Во текот на март и април, американската војска пресели дополнителни сили и опрема на Блискиот Исток, вклучувајќи носачи на авиони и системи за противвоздушна одбрана, кои би можеле да се користат за поддршка на израелски напад.

На островот Диего Гарсија во Индискиот океан веќе се распоредени бомбардери Б-2, способни да носат бомби „бункер-бастер“.

Loading...

Иако некои високи американски функционери, како генералот Мајкл Курила, беа отворени за разгледување на плановите на Израел, други, меѓу кои и директорот на националното разузнавање Тулси Габард, изразија загриженост дека таков напад може да предизвика поголеми конфликти во регионот, пренесува Танјуг.

Трамп, и покрај отпорот кон сегашниот напад, ја остави отворена можноста за воена опција доколку преговорите со Техеран не успеат.

„Ако има потреба од војска, ќе ја користиме војската. Израел, се разбира, ќе биде лидер“, рече Трамп.

Американскиот советник за национална безбедност Мајк Волц и потпретседателот Џеј Ди Венс ја поддржаа идејата Трамп да им даде шанса на преговорите прво, со можноста за воена акција како последна опција.

Преговорите меѓу САД и Иран во моментов се во тек, а администрацијата инсистира дека Иран не може да има нуклеарно оружје и дека сите опции остануваат отворени.