Американскиот претседател Доналд Трамп предизвика бран осуди во Јапонија откако ги спореди неодамнешните американски напади врз Иран со атомските бомбардирања на Хирошима и Нагасаки на крајот од Втората светска војна.
„Тој удар ја заврши војната“, им рече Трамп на новинарите во среда.
„Не сакам да ја користам Хирошима како пример, не сакам да го користам Нагасаки како пример, но во суштина беше истото“.
Јапонските власти реагираа остро.
Градоначалникот на Нагасаки, Широ Сузуки, рече: „Ако овие изјави го оправдуваат фрлањето атомски бомби, тоа е исклучително жално за нас како бомбардиран град“.
Мимаки Тошијуки, преживеан од Хирошима и копретседател на добитникот на Нобелова награда за мир, Нихон Хиданко, која се залага за укинување на нуклеарното оружје, за NHK изјави дека изјавите на Трамп се „неприфатливи“.
„Длабоко сум разочарана. Чувствувам само гнев“, додаде Теруко Јокојама, членка на истата организација, во изјава за Кјодо њуз.
Преживеаните од атомските напади одржаа протест во Хирошима во четврток и побараа Трамп да ја повлече својата изјава.
Законодавниот дом на Хирошима, исто така, донесе резолуција со која се отфрла какво било оправдување за употреба на нуклеарно оружје и се повикува на мирно решавање на конфликтот.
Стотици илјади жртви на фрлените атомски бомби
Главниот секретар на јапонскиот кабинет, Хајаши Јошимаса, изјави дека Јапонија „постојано им го разјаснила својот став за употребата на атомски бомби“ на американските власти, без директно да одговори дали Токио формално ќе протестира против изјавата на Трамп.
Споредбата на Трамп дојде откако тој се обиде да го негира протечениот извештај на разузнавачката заедница дека американските напади врз Иран ја вратиле неговата нуклеарна програма за само неколку месеци.
Трамп инсистираше дека нападите ја „уништиле“ програмата и ја вратиле „децении“ назад – тврдење поддржано од директорот на ЦИА, Џон Ратклиф.
Јапонија е сè уште единствената земја во светот што била погодена од нуклеарно оружје.
Околу 140.000 луѓе загинаа по американските напади врз Хирошима и Нагасаки во август 1945 година.
Преживеаните сè уште ги трпат последиците, вклучувајќи психолошка траума и зголемен ризик од рак.
Вечниот пламен на мирот гори во Хирошима од 1960-тите, а на влезот во воениот музеј има часовник кој ги одбројува деновите од последниот нуклеарен напад во светот.
Светските лидери што ја посетуваат Хирошима традиционално изработуваат хартиени жерави како симбол на посветеност на мирот.