Американскиот претседател Доналд Трамп најави дека ќе побара од Саудиска Арабија и другите земји на ОПЕК да ја намалат цената на нафтата и дека со тоа веднаш ќе се стави крај на конфликтот во Украина.
„Исто така ќе побарам од Саудиска Арабија и ОПЕК да ја намалат цената на нафтата. Војната меѓу Русија и Украина ќе заврши веднаш“, рече Трамп во видео обраќањето на Светскиот економски форум во Давос.
Тој додаде дека цената во моментов е доволно висока за војната да продолжи, пренесува Capital.ba.
„Морате да ја намалите цената на нафтата. Треба да ја прекинете таа војна, тоа требаше да го направат одамна“, рече Трамп.
Тој додаде дека САД во моментов прават напори да обезбедат мирно решавање на конфликтот меѓу Русија и Украина.
Трамп изјави дека ќе бара веднаш да се намалат каматните стапки и дека другите земји треба да го следат примерот.
„Со паѓањето на цените на нафтата, ќе барам каматните стапки веднаш да се намалат, а тие треба да се намалат и низ целиот свет“, рече Трамп.