Во Изложбениот салон на НУ Центар за култура „Трајко Прокопиев“ во четврток со почеток во 20 часот ќе биде отворена традиционалната ликовна изложба „Самоуки 2022“.
На изложбата ќе бидат претставени околу 50-тина дела во форма на слики, цртежи и скулптури. Проектот е подржан од страна на Министерство за култура на РС Македонија.
Целта и идејата на оваа изложба е претставување на кумановските неакадемски уметници пред пошироката јавност, но, воедно, и развивање на афинитети кон визуелните уметности, едукација и презентација на едно запоставено творештво коешто претставува едно локално богатство и заслужува да биде споделено со ликовната публика.
Потребата за традиционално организирање на ваков вид на изложби од страна на НУ Центар за култура – Куманово беше утврдено уште на почетокот на деведесеттите од минатиот век а дојде како резултат на иницијатива на повеќе наши сограѓани – неакадемски уметници коишто имаа зад себе сериозна ликовна продукција.
Искуствата низ годините покажаа дека оваа изложба освен тоа што има одреден квалитет и естетско ниво дека истата може да биде и многу масовна. Оваа година за изложбата “Самоуки 2022“ беа пријавени околу 40-тина автори а комисијата за изложбата избра 32 автори со 50-тина дела.
Изложбата ќе биде поставена до 30.06.2022.
Пишува: Роберт Цветковски, историчар на уметноста