Територијалната противпожарна единица Куманово до крајот на годината ќе добие противпожарно возило со скала вредно над 700.000 евра.
Како што информираше градоначалникот Максим Димитриевски, станува збор за донација на возило во одлична техничка состојба, преку проект со австриската покраина Тирол.
– До крајот на годината очекуваме согласно овој проект да добиеме минимум едно противпожарно возило коешто му е неопходно на градот, во одлична техничка состојба, а тоа е истото онаа возило коешто Градот Скопје го купи пред некаде 3 години и чини над 700 илјади евра со скала систем за спасување и дополнително уште едно адаптирано возило за интервенција на шумски пожари“, изјави градоначалникот Димитриевски.
Како што додаде, делегација од Куманово веќе престојувала во Тирол, каде е разговарано за формирање на доброволни противожарни друштва.
– Наши делегации претставувани од пожарникари го посетија Тирол и разговаравме за формирање на доброволно противпожарно друштво коешто веќе е формирано, е во функција, секојдневно се зголемува бројот на членовите на доброволното противпожарно друштво.“
Целта, како што додаде Димитриевски, е и размена на знаења и обуки, односно тиролските пожарникари ќе ги обучуваат колегите од Куманово.
– Очекуваме дека наши пожарникари во иднина ќе се обучуваат во обучниот центар којшто е изграден по пат на донација во Република Хрватска, во Осијек, од страна на тиролската влада.“
Никола Ивановски