Четиринаесет фабрики на најголемиот светски производител на автомобили престанаа со работа овој понеделник бидејќи хакерски напад ја спречи работата на нивниот клучен снабдувач на автоделови
Фабриките на Тојота, кои склопуваат автомобили Тојота, Хино и Даихатсу, беа принудени да го прекинат производството во понеделникот. На вкупно четиринаесет локации низ Јапонија, производството беше запрено бидејќи хакерски напад ја спречи работата на нивниот клучен (ниво 1) снабдувач, Kojima Industries, која произведува пластични делови за Тојота.
Бидејќи останаа без бројни компоненти за склопување на автомобили, кои инаку би пристигнале на производната лента по принципот „токму на време“, фабриките престанаа да работат.
Тоа може да значи дека производството овој месец ќе се намали за најмалку пет проценти или дека 28 производни линии ќе произведат најмалку 13.000 возила помалку од планираното.
Јапонските фабрики сочинуваат околу една третина од производството на Тојота, пишува Би-Би-Си.
Кога станува збор за причините, се знае само како Kojima Industries е под голема хакерска уцена. Тие потврдија и дека се заразени со непознат компјутерски вирус и дека напаѓачите барале откуп.
Се дознава дека малициозниот софтвер зафатил еден од главните сервери на компанијата Kojima, но и дека компаниите нашле алтернативен начин да продолжат да работат и покрај тоа што злонамерната програма се уште не е отстранета од тој сервер, пренесува портал Bug.hr.
#Toyota says to restart all domestic production from Wednesday@ReutersBiz https://t.co/oM7jjYboI0
— GlobalNewsJapan 🇯🇵 (@GlobalNewsJapan) March 1, 2022
Според последните информации, производството би можело да продолжи и денеска. Овие проблеми за Тојота доаѓаат по повремените прекини на производството поради пандемијата и недостатокот на чипови, а веќе е познато дека овогодинешните производствени цели нема да бидат исполнети.