Во ноември 1961 година претседателот на некогашната СФР Југославија, Јосип Броз Тито бил во неколкудневна посета на Македонија, а на враќање кон Белград, десет минути се задржал на Железничката станица во Куманово.
Loading...
За тие 10 минути преку прозорецот на синиот воз Тито им мафтал на над 10.000 кумановци кои заедно со раководството на Комунистичката партија дошле да го поздрават.
Во синиот воз Тито ги примил Љубе Јакимовски, претседател на Народниот одбор на Кумановската околија, Хамид Таки, секретар на Околинскиот комитет, Ратко Дамјановски претседател на Околинскиот одбор на Социјалистичкиот сојуз, Бранко Младеновски претседател на Народниот одбор на Општината, Ездимир Бодански, секретар на Општинскиот комитет на Сојузот на комунисти и командантот на Комунистичкиот гарнизон, полковник Јован Митиќ.
Пред самото тргнување на доживотниот претседател на Југославија, возот го напушиле претседателот на Народното собрание на Македонија Лазар Колишевски, претседателот на Извршниот совет Александар Грличков, претседателот на Главниот одбор на Социјалистичкиот сојуз Страхил Гигов и Командантот на Скопската воена област генерал полковник Анте Банина. Тие заедно со Тито биле на неговото неколкудневно патување низ Македонија.
Loading...
И додека возот заминувал Тито останал на прозорецот и ги гледал насобраните кумановци, заедно со највисокото раководство на државата.
Проект на ЈОУ Библиотека „Тане Георгиевски“ за дигитализација на „Наш весник“.
Извор: „Наш весник“ број 3 (среда, 29 ноември 1961. година)