Тевдовски: Со измените на Законот за јавни набаки ќе се остранат непотребните бирократски процедури

Сподели со своите пријатели

Измените на Законот за јавни набавки, по скратена постапка беше прифатен од пратениците на собраниската Комисија за финасирање и буџет. Измените на законот, со којшто меѓу другото се предвидува укинување на Советот за јавни набавки, се очекува да биде донесен денеска на продолжението на 19. седница на Собранието закажана за 15:00 часот.

Министерот за финансии Драган Тевдовски образложи дека предложените измени на законот се однесуваат на отстранување на непотребните бирократски процедури кои доведуваат до намалување на економичноста и ефикасноста во постапките за јавни набавки и го загрозуваат остварувањето на начелото за ефикасно и рационалано искористување на јавните средства.

Посочувајќи на укинувањето на Советот за јавни набавки, Тевдовски укажа на препораките од извештаите на ЕК, СИГМА и на Државниот завод за ревизија според кои постоењето на Советот за јавни набавки и неговото работење главно негативно влијаеле врз ефикасноста и економичноста на системот за јавни набавки најчесто со пролонгирање на подготовката и зголемување на трошоците за јавна набавка, како и со субјективност при одлучувањето. Според него, имало и блокирање на институции. Пред пратениците тој повтори дека вработените од службата на Советот ќе бидат префрлени на трансфер листа на Министерството за информатичко општество и администрација за можно преземање од страна на институциите каде има недостаток од таков кадар.

– Неговите одлуки не доведоа до значително зголемување на конкуренцијата во постапките за доделување на јавни набавки, рече министерот за финансии.

Пратениците од опозицијата рекоа дека се против ова законско решение и прашаа зошто се брза да се укине Советот за јавни набавки кога новиот закон за јавни набавки се најавува за октомври следната година и како во меѓувреме ќе се контролираат јавните набавки.

– На кого му се брза? За кои големи тендери се носи толку брзо оваа одлука за укинување на Советот, праша пратеникот Драган Цуклев од ВМРО-ДПМНЕ кој изнесе одредени податоци за работењето на Советот за јавни набавки.

Министерот Тевдовски кажа дека во Министерството за финансии е во изработка нов закон за јавни набавки кој ќе биде во согласност со регулативните на ЕУ и оти досегашниот излегол надвор од овие регулативи. Посочувајќи на податоците за работењето на Советот, тој рече дека бил двојно зголемен бројот на најпроблематичните договори за јавни набавки без објавување оглас од крајна итност.

Комисијата за финансирање и буџет даде согласност и за мислењето за измена на Статутот на Комисијата за хартии од вредност со што ќе се овозможи поголема транспарнтност при изборот на претседател и чкленови на Комисијата. Постапката ќе почнува со јавен оглас, а се предвидуваат и дополнителни услови кои треба да ги исполнуваат потенцијалните кандидати.

Извор: МИА