Шокантни слики на загинати, видеа од пукотници, тешка механизација и изгорена синагога.
Најмалку 20 луѓе беа убиени во терористички напади на 23 јуни 2024 година во градовите Махачкала и Дербент.
Повеќето од нив биле полицајци. Покрај тоа, повредени се 46 лица.
Цел на нападот биле православна црква и синагога, а во главниот град Махачкала црква и полициска станица во близина на синагогата.
Во Дагестан, Република Руска Федерација, 24 јуни е прогласен за ден на жалост.
Тероризам врз христијаните и Евреите
„Нападите се од исламистичка природа“, вели Харолд Чемберс, експерт за Северен Кавказ од Американскиот универзитет во Индијана.
Според него, станува збор за антисемитски, антихристијански, но и политички убедувања.
„Во меѓувреме, познато е дека таткото и вујкото на тројцата напаѓачи е член на партијата Единствена Русија и дека бил почитуван. Дека ова е исламистички тероризам покажува и фактот што сторителите оставиле цитати од Куранот на вратата од синагогата, на кои вообичаено се повикуваат џихадистите“, вели Чемберс.
Тој не е изненаден што насилниците ја избрале синагогата за цел, со оглед на инцидентите минатата есен.
„Мислам на антисемитските немири на меѓународниот аеродром во Махачкала. Можете да видите во добар дел од општеството дека има јавно незадоволство и насилен потенцијал“, објаснува Чемберс.
Германската новинарка и експертка за Дагестан, Елке Виндиш, смета дека антисемитските чувства во тој регион се во спротивност со секоја логика, бидејќи според нејзината проценка, еврејската заедница, која некогаш постоела во Дагестан, практично целосно ја напуштила републиката.
Властите зборуваат за украински води
Авганистанскиот огранок на Исламската држава „Вилајат Хоросан“ ги пофали извршителите на терористичкиот напад во Дагестан, во објава на социјалните мрежи и на профилите поврзани со руската ќелија на оваа група.
Претседателот на Дагестан, Сергеј Меликов, терористичките напади во регионот ги поврза со војната во Украина.
Тој рече дека „војната дојде во нашата куќа“.
Упатените набљудувачи веруваат дека таквата врска меѓу исламистичкиот тероризам и Украина не е веродостојна.
„Се разбира, само малцинство ќе верува дека во целата приказна има украинска или американска трага. Повеќето луѓе знаат дека исламизмот постои како фактор независен од Западот. Зарем исламистите не вршат терористички напади на Запад? Само да се потсетиме на 11 септември“, вели Абас Гаљамов, руски политиколог кој ја напушти земјата во 2022 година.
Според него, овој обид да се поврзе исламскиот тероризам со Украина не само што е апсурден, туку и ироничен, ако се земе предвид дека Русија буквално им помогна на исламските милитанти да заминат во Сирија, за да се ослободи од нив.
Украинскиот напад на американскиот ракетен систем ATACMS врз Севастопол и нападите во Дагестан се случија истиот ден. Галијамов иронично се прашува дали тоа не може да бидат само два посебни настани во ист ден.
Нова генерација радикални исламисти
Експертите велат дека дел од вината за порастот на исламистичките чувства во Северен Кавказ лежи во руските власти.
Гаљамов смета дека, од една страна, самоволието на државата се зголемува, а од друга страна, официјалните институции придонесуваат за зголемување на архаизмот на општеството, што доведува до зајакнување на исламистичките тенденции кај муслиманите.
„Државата сама ги создава предусловите за тоа, не придонесува за модернизација на општеството, туку дејствува на зголемување на архаизмот во општеството, а исламизмот е облик на архаизам“, вели Гаљамов.
Харолд Чемберс вели дека владата спроведува силна репресија и го задушува секој обид за јавна активност, „дури и за поддршка на режимот“.
Тој смета дека оваа забрана за јавно дејствување води до тоа дека „единственото место каде што може да се направи нешто е интернетот“. И таму се среќаваат радикалните актери“, предупредува експертот.
Елке Виндиш вели дека во исто време имало промена на генерации во редовите на радикалните бунтовници.
Оние кои учествуваа во нападите за време на војните во Чеченија во 1990-тите и 2000-тите ја напуштија земјата и заминаа во Сирија благодарение на таен договор во 2012 година.
Чемберс за новата генерација екстремисти вели:
„Тие не живееле во Советскиот Сојуз. Тие доживеаја време на релативно религиозно будење и слобода, иако како муслимани во Северен Кавказ тие се разбира не се целосно слободни. Нивното размислување е значително различно“.
Тој додава дека многу почесто кај радикалните луѓе национализмот се вкрстува со религијата.
Висок потенцијал за незадоволство
Дагестан е еден од најсиромашните региони во Русија.
Елке Виндиш вели дека и покрај големиот економски потенцијал, „понекогаш нема ни приклучоци за вода иако има доволно вода“.
Покрај тоа, Виндиш укажува на фактот дека Дагестан е најрелигиозната република во Северен Кавказ.
Муслиманите од Дагестан припаѓаат на шафииската школа, која е построга.
Таа додава дека во Дагестан со децении тлеат меѓуетнички конфликти, а таму живеат стотици етнички групи.
Затоа Виндиш смета дека е проблематично што Москва носи раководен персонал однадвор – како што е случајот со претседателот на Дагестан Сергеј Маликов – наместо да ги регрутира од локалното население.
„Тие не му веруваат дека ќе може целосно да ја разбере сложеноста на ситуацијата во Дагестан за да донесе правилни одлуки“, вели Виндиш.
Таа додава дека таквите лидери се „туѓо тело“.
Виндиш смета дека шокот предизвикан од нападите брзо ќе помине.
„Мислам дека брзо ќе се врати на секојдневната работа. Но, ќе остане опасноста повторно да се случат вакви напади по навидум безначајни причини, бидејќи потенцијалот за незадоволство е голем“, вели таа, пренесува ДВ.