За малку двојна трагедија во кумановското семејство Тодоровски откако пред вратата на кумановскиот градоначалник беше најден застреланиот 55-годишен бизнисмен Кирчо Тодоровски.
Три часа по застрелувањето на бизнисменот, во станот каде што живееле под кирија најдена е и неговата сопругата, онесвестена и со празни кутивчиња за лекови до неа, објави вчера Телевизија Телма.
Роднините веднаш ја однеле во кумановската болница, каде лекарите од интерно одделение ја испирале и и го спасиле животот. Поради смртта на сопругот таа барала отпуст и вчера доцна попладне била пуштена дома.
Но, случајот не е пријавен ниту во кумановската полиција ниту во обвинителството кое првично за смртта на Тодоровски истражува самоубиство. Поради тоа не е познато дали станува збор за двоен обид за одземање на животот и дали труењето со лекови и застрелувањето на мажот се поврзани. Од кумановското обвинителство велат дека истрагата е во тек и дека се дадени наредби за вештачења. Кумановскиот градоначалник Зоран Дамјановски беше во општината, но не даваше коментари за трагедијата. На застреланиот му бил кум, но последните 15 години не зборувале и биле испокарани.
Кирчо Тодоровски дошол пред вратата на градоначалникот и е најден со прострелна рана во главата, во седечка состојба и потпрен на влезната врата на станот на првиот човек на Куманово. Внатре во станот бил градоначалникот со најблиските, а полицијата во ходникот вршела увид. Имало една камера пред влезната врата но била поставена кон булеварот и немало полезни снимки за истрагата.
Од кумановското јавно обвинителство потврдија дека по приватна кривична пријава на Тодоровски е отворена истрага против градоначалникот за злоупотреба и измами, а исто така осомничени се и претставници на една банка и на една кумановска фирма. Зградата во која е најден застреланиот Тодоровски е изградена пред 15-тина години, а тогаш двајцата кумови биле партнери при изградбата.
Но, кога почнала продажбата на становите и на големиот деловен простор, двајцата се испокарале и престанале да контактираат. Подоцна Дамјановски станува градоначалник, а за истата зграда од починатиот Тодоровски добил неколку кривични пријави, од кои неколку се отфрлени, а истрага е отворена во изборната 2013-та година. Додека траела кривичната истрага, застреланиот бизнисмен изгубил повеќе судски парници и постојано му се зголемувал долгот кон доверителите. Проштално писмо не е најдено, но животот, починатиот го завршил во зградата која во заеднички бизнис ја правел со кумановскиот градоначалник.