Во текот на минатата недела, царинските службеници спречија неколку обиди за криумчарење разна стока, при што привремено се задржани девизи, миксета, делови од машина за мешање малтер, облека, обувки, ташни и ремени, информираат од Царинската управа на Република Македонија.
Една музичка миксета со звучници и 5 делови од употребувана машина за мешање и расфрлување малтер биле откриени во два одвоени случаи, при контрола на еден автобус и еден автомобил, пријавени за влез во државата на граничниот премин Табановце автопат.
Loading...
Во првиот случај, во картонска кутија сместена во багажникот на швајцарски автомобил, управуван од македонски државјанин, била пронајдена една музичка миксета со звучници. Непријавената миксета била привремено задржана, а против патникот ќе биде поведена прекршочна постапка.
Во вториот случај, во багажниот простор на македонски автобус, кој сообраќал на релација Терни, Италија – Кичево, помеѓу багажот на патниците биле пронајдени мотор, миксер, компресор и црева со приклучни делови од употребувана машина за мешање и расфрлување малтер.
Непријавените производи, сопственост на возачот, македонски државјанин, биле привремено задржани, а против возачот е поведена прекршочна постапка.
Вкупно 50 маскирни ловечки јакни биле откриени при контрола на македонски автомобил, со кој за влез во државата, на граничниот премин Табановце автопат, се пријавиле двајца македонски државјани. Непријавените јакни, пронајдени во два куфери, сместени во багажникот на возилото, биле привремено задржани, а против сопатникот, кој се пријавил како сопственик на производите, е поведена прекршочна постапка.