Талибанците вчера ја извршија втората потврдена јавна егзекуција во Авганистан откако ја презедоа власта во 2021 година.
Судот осуди на смрт маж идентификуван само како Аџмал од главниот град Кабул, кој беше прогласен за виновен за убиство на пет лица во два одвоени инциденти минатата година.
Егзекуцијата ја извршил со автоматска пушка синот на Сиад Вали, еден од петтемина убиени од Аџмал.
Високиот суд во соопштението наведе дека егзекуцијата била извршена пред џамија во близина на канцеларијата на гувернерот на провинцијата во источната провинција Лагман според исламскиот закон, пишува Асошиетед прес.
Три различни судови ја потврдија смртната казна
Роднините на другите четворица мажи убиени од Аџмал беа сведоци на егзекуцијата.
Последната јавна егзекуција веројатно ќе предизвика критики од меѓународната заедница.
Тоа доаѓа само еден месец откако во извештајот на Обединетите нации остро ги критикуваа талибанците за извршување јавни егзекуции, камшикувања и каменувања откако ја презедоа власта и ги повикаа владетелите во земјата да прекинат со таквите практики.
Во мај, мисијата на Обединетите нации за помош во Авганистан соопшти дека само во изминатите шест месеци, 274 мажи, 58 жени и две момчиња биле јавно камшикувани во Авганистан.
Врховниот суд во Кабул, кој го водат талибанците, рече дека случајот против Аџмал бил темелно истражен, и дека три различни судови на крајот ја потврдиле смртната казна.
Судот соопшти дека конечното одобрение за егзекуцијата го наредил врховниот водач на Талибанците Хибатула Ахунџада, откако ја надгледувал посебната истрага за убиството.
Ахунџада беше именуван за лидер на талибанците во 2016 година, откако во американски воздушен напад во Пакистан беше убиен неговиот претходник, Мула Ахтар Мохамед Мансур.
Талибанците го прекршија ветувањето за поголеми права
Првата јавна егзекуција по враќањето на талибанците на власт се случи во декември минатата година, кога талибанските власти казнија Авганистанец осуден за убиство на друг маж.
Егзекуцијата беше извршена со автоматска пушка од таткото на жртвата во западната провинција Фарах пред стотици гледачи и многу високи талибански претставници.
За време на претходното талибанско владеење со земјата во доцните 1990-ти, групата редовно спроведуваше јавни егзекуции, камшикување и каменување на луѓе осудени за злосторства во талибанските судови.
По преземањето на Авганистан во 2021 година, Талибанците првично ветија дека ќе обезбедат права за жените и малцинствата.
Наместо тоа, тие подоцна ги ограничија правата и слободите, вклучително и забраната на девојчињата да одат на училиште по шесто одделение.